„Цел тим на Сити сакаше да го тепа Роберто Манчини“

Роберто Манчини важи за стратег што секогаш знае како да го извлече најдоброто од своите фудбалери. Тоа го стори и во сезоната 2011/12 како предводник на Манчестер Сити, иницирајќи сериозен конфликт со огромен дел од првотимците. Причина, слабите игри што Сити во текот на зимата ги прикажуваше во отсуство на Јаја Туре (настапуваше на Купот на Африкански Нации), за што италијанскиот стратег не бираше зборови за да ги критикува останатите „ѕвезди“ во тимот.

Ако се знае дека таа сезона за Сити играа асови како Агуеро, Балотели, Тевез, Насри, Де Јонг… јасно беше дека конфликт не може да изостане, а според зборовите на дефанзивецот Мика Ричардс, малку недостигало да дојде и до тепачка во соблекувалната.

„Знаевме колку е Јаја Туре важен за тимот, но по поразот од Евертон, тогаш Манчини предизвика Трета светска војна во нашата соблекувална. Ни врескаше како сме неспособни, како не можеме да сториме ништо без Јаја… сите експлодиравме, цела екипа стана на нозе со желба да го тепа тренерот“, истакна Ричардс.

Требало да минат триесетина минути за тензијата да се смири, по што италијанскиот стручњак повторно им се обратил на фудбалерите.

„Намерно ви го реков тоа, бидејќи знаев дека ќе предизвика бурна реакција. Реагиравте токму онака како што би сакал да реагирате при секое излегување на терен. Во тој момент ми стана јасно дека ќе ја освоиме титулата, без оглед какви пречки ќе ни се појават на патот“, се присетува поранешниот англиски репрезентативец.

Се вчитува...