Циндриќ: Ми се допаѓа како игра Македонија на ова СП

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Лука Циндриќ не настапи на денешниот дуел со Јапонија, како што вели самиот за да ги сочува силите за дуелот меѓу Хрватска и Македонија што ќе се игра утре со почеток во 18 часот во Минхен. Поранешниот ас на Вардар смета дека „коцкестите“ нема да имаат нималку лесна задача против нашиот национален тим, за кого Циндриќ покажува голем респект.

„Ми се допаѓа како игра Македонија на ова СП, еве денеска влегоа во игра и помладите, добија искуство, а сепак лесно победивте. Можеби некој мисли дека ќе ни биде лесно, но јас не сметам дека тоа ќе биде случај, ќе биде тоа тежок натпревар утре на кој ќе решаваат нијанси. Сигурно на нас се гледа како на фаворити, но ќе мораме тоа да го потврдиме и на терен“ – истакнува Циндриќ.

Одличниот плејмејкер ја откри и клучната разлика во работата со Раул Гонзалес, со кого имаше беспрекорна соработка во Вардар, и со Лино Червар, кој му беше тренер во Металург, а сега е и селектор на хрватскиот национален тим.

„Уф, тешко прашање, има толку многу разлика“ – со насмевка во прв момент коментираше Циндриќ, па продолжи: „Раул е модерен тренер, кој знае како да се адаптира на екипата за да го извлече најдоброто. Од друга страна, Лино е неверојатен мотиватор, некој што знае психолошки да влијае врз тимот, да извлече 120% од секој играч“ – прокоментира Лука Циндриќ.

Се вчитува...