Црна Гора и дефинитивно со Симиќ против Македонија, Раул не менува ништо

ЕКИПА на ЕП во Загреб,

Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева

Репрезентацијата на Црна Гора и дефинитивно на вечерашниот дуел против Македонија од 2. коло во Групата Ц од ЕП ќе биде со својот најдобар голман Небојша Симиќ.

Симиќ вчера го одработи последниот тренинг на Црногорците а утрово од црногорскиот табор потврдуваат дека голманот ќе биде во комбинација за настап против Македонија вечерва од 20:30 часот.

„Имам малку болка, но добро е. Тренингот помина добро задоволен сум и што се одесува до мене може да играм. Но, ќе одлучи селекторот. Јас сум подготвен“ – истакна вчера Симиќ за ЕКИПА.

Црногорскиот голман кој брани во одлична форма за германскиот Мелсунген,  се повреди на тренинг непосредно пред старот на ЕП и паузираше во изминатите неколку дена, а го пропушти и првиот натпревар на кој Црногорците беа убедливо поразени од Германија (19-32). Со Симиќ на голот, репрезентацијата на Црна Гора сигурно ќе биде многу посилна во последните два натпревари во групата во која ќе бараат шанса за пласман во следната фаза од ЕП.

Црногорците ќе бидат посилни со Симиќ, а од друга страна македонскиот селектор Раул Гонзалес нема да менува ништо во нашиот состав. По триумфот над Словенија дефинитивно и нема причина за такво нешто. Што значи, повторно на трибините во загрепска „Арена“ ќе останат голманот Даскаловски, специјалистот за одбрана Велко Маркоски и левото крило Гоце Ојлески.

Се вчитува...