Црногорецот Марковиќ е нов селектор на Македонија

Црногорскиот ракометен стратег Игор Марковиќ е изборот на раководството на РФМ за нов селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија.

Одлуката да не се продолжи соработката со Кристијан Грчевски беше донесена пред неколку месеци, во меѓувреме беа контактирани неколку домашни и странски стратези, по што изборот падна врз Марковиќ,  стратег кој годинава ги предводеше младинските репрезентативки на Црна Гора до петото место на СП.

Марковиќ е роден на 16 декември 1981 година во Цетиње, Црна Гора. Како играч настапуваше на позицијата лево крило и зад себе има богата и успешна кариера, бранејќи ги боите на РК Ловќен, Будуќност Подгорица, Ал-Курине (Кувајт) и унгарскиот Комлои Бањаш.

По завршувањето на играчката кариера во 2022 година, Марковиќ целосно се посвети на тренерската работа. Најнапред беше ангажиран во женските младински национални селекции на Црна Гора, каде за краток период изгради репутација на еден од најперспективните млади тренери во регионот.

Како селектор на женската младинска репрезентација на Црна Гора, во 2023 година го предводеше националниот тим до освоеното 6. место на Европското првенство во Подгорица, резултат со кој беше обезбеден пласман на Светското првенство.

Најголемиот успех во својата досегашна селекторска кариера го оствари во 2026 година, кога на Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина ја предводеше Црна Гора до историско 5. место во светот – еден од најзначајните резултати во историјата на црногорскиот женски младински ракомет.

„Неговиот тренерски пристап се темели на дисциплина, посветеност, цврста одбрана, тимски дух и развој на победнички менталитет, квалитети кои му донесоа значајни резултати и меѓународна афирмација. Ракометната федерација на Македонија изразува особена чест и задоволство што Игор Марковиќ ќе ја предводи женската сениорска репрезентација на Македонија во претстојниот период. На новиот селектор му посакуваме многу успех, среќа и бројни заеднички успеси со македонската репрезентација“, порачаа од РФМ.

Се вчитува...