„Црвен картон“ за Лопетеги – Солари на чело на Реал Мадрид

Хулен Лопетеги од вечерва и официјално не е шеф на стручниот штаб на Реал Мадрид откако доби отказ од тренерската функција еден ден по најновиот дебакл и поразот од 5-1 на гостувањето против Барселона. „Кралевите“ сега заостануваат седум бода зад Барса на табелата во „Ла Лига“, а во ситуација кога тимот веќе подолго време се наоѓа во резултатска криза јасно беше дека тренерската смена е неминовност.

„Донесена е одлука за разделба од Хулен Лопетеги, кому му посакуваме многу среќа во идните ангажмани и му благодариме за сработеното во изминатиот период. Сметаме дека овој потег е неопходен за да се обидеме да ставиме крај на серијата слаби резултати, во дел од сезоната во кој се уште имаме шанси за остварување на зацртаните цели“ – соопшти раководството на актуелниот европски шампион.

За привремен наследник на Лопетеги именуван е поранешниот фудбалер на „кралевите“, Сантијаго Солари. Не се исклучува можноста Аргентинецот да остане на чело на Реал и подолго време, доколку мадридскиот клуб заигра во посакуваниот ритам на наредните три средби, во Копа дел реј против Мелилја, потоа во Ла Лига против Валјадолид и во Лигата на шампионите на гостински терен против Викторија Плзен.

Се вчитува...