За разлика од првите два натпревари од финалето на АБА лигата кои поминаа без инцидент во „Штарк Арена“, првиот натпревар во „Пионир“ донесе тежок инцидент во кој кошаркарите на Партизан беа нападнати со запалки и шишиња веднаш штом се појавија на теренот.
За инцидентот сега се огласи и Црвена Звезда која наведе дека тоа не се навивачи на клубот, туку припадници на друга навивачка групи кои се „маскирале“ во дресот на Немања Недовиќ.
„КК Црвена Звезда ја информира јавноста дека има сознание дека за инцидентот пред почетокот на натпреварот број три од финалето, поради кој задоцни и самиот почеток – се одговорни лица кои немаат никаква врска со Црвена Звезда!
КК Црвена Звезда собира податоци за четири лица кои носеа дрес на Немања Недовиќ и кои фрлаа предмети на паркетот, а првите информации кои ги имаме во клубот говорат дека лицата се препознати како членови на навивачка група на друг клуб и немаат никаква врска со Црвена Звезда. Се наоѓаа на платформата при ТВ камерите од каде се реализираше пренос.
Салата „Александар Николиќ“ е „покриена“ со камери и за се се информирани сите надлежни служби кои се задолжени за обезбедување на натпреварот, а клубот штом ги добие сите податоци и идентитетот на тие личности ќе ја информира јавноста за кого се работи“, стои во дел од соопштението на белградскиот клуб.
И покрај поразот во натпреварот број три, Партизан останува во водство од 2-1 во финалната серија. На четвртиот натпревар кој е закажан за во вторник со почеток од 19 часот повторно ќе биде домаќин Црвена Звезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА