Црвена Звезда си ја врати АБА титулата, ја нокаутираше Будуќност во мајсторката

Црвена Звезда е новиот шампион во АБА лигата. За четвртата титула во регионалното кошаркарско натпреварување, српскиот состав го декласираше бранителот на трофејот, Будуќност во мајсторката од финалната серија со 97-54. Шампионската титула во АБА овозможува пласман во Евролигата следната сезона. Будуќност го губи трофејот кој минатата година го освои токму во финалето со Црвена Звезда.

Во првата воопшто мајсторка во финалето, Звезда комплетно доминираше на натпреварот уште од стартот, ја мелеше Будуќност со двоцифрена предност уште во воведната четвртина. Иако црногорскиот состав успеа да дојде до пристојни пет поени негатива на крајот од првиот период, одигра катастрофално во вторите 10 минути во кои постигна само осум поени. Веќе на полувремето Звезда имаше огромни 26 поени предност.

Во вторто полувреме Будуќност беше тотално надвор од натпреварот, а домашниот тим безмилосно ја зголемуваше предноста дури и над 40 поени разлика.

Риверс со 21 поен беше прв стрелец кај новиот шампион, Кол со девет поени беше прв на листата стрелци кај очајната Будуќност во чии редови ниту еден кошаркар немаше двоцифрен број поени.

Решавачкиот натпревар за трофејот почна еден час подоцна од предвиденото затоа што навивачите на Црвена Звезда направија хаос кога на теренот се појавија кошаркарите на Будуќност на загревање. Ги нападнаа со тврди предмети, по што гостите се повлекоа и не излегоа повторно на теренот се додека состојбата не се смири, делот од трибината во близина на нивната клупа беше испразнет, а дел од навивачите дури и мораа да ја напуштат салата.

 

 

Се вчитува...