Црвена Звезда со стил до нов трофеј

Црвена Звезда се закити со трофејот во Купот на Србија што го носи името на легендарниот Радивоје Корач, откако во денешното големо финале во Ниш славеше над Мега со убедливи 96-79. Охрабрени по извонредниот камбек и победата над Партизан во полуфиналето, избраниците на Душко Ивановиќ немаа проблеми да ја оправдаат фаворитската улога и да си го трасираат патот до новиот трофеј во богата колекција на пехари на „црвено-белите“.

Мега успеа да парира само во првата четвртина што аутсајдерот во финалето ја доби со минимални 22-23. „Црвено-белите“ ја презедоа контролата над играта постигнувајќи 29 поени во вториот период и на одмор заминувајќи со водство од 51-44. Тоа беше најава за уште поимпресивна игра на Црвена звезда во второто полувреме, во кое предноста беше дополнително зголемена се до конечните „плус 17“.

Добриќ со 24 поени беше најефикасен во таборот на куп-шампионот, каде 20 поени постигна Недовиќ, а до 17 броеше и центарот Петрушев.

Се вчитува...