Цветаноски: Ќе ми биде тешко против Вардар…. Џиџи: Нема предвремено предавање!

Во најинтересниот денешен дуел од 23. коло во Првата македонска фудбалска лига, Шкупи на пресметка против Вардар од 15 часот на теренот на комплексот „Куќа на фудбалот“. Иако далеку од дерби дуел ако се знае актуелната ситуација во која се наоѓа Вардар, сепак и тоа како интересен дуел во кој бодовите се неопходни и за двата тима.

Поранешниот фудбалер на Вардар, Матеј Цветаноски сега во дресот на Шкупи, првпат против својот довчерашен клуб.

„Овие градски дербија меѓу Шкупи и Вардар секогаш се тешки за играње затоа што не решава моменталната форма или пласманот на табелата. Знаеме дека Вардар ќе биде максимално мотивиран за надигрување, а мене лично ќе ми биде тешко да играм против мојот поранешен клуб. Но, сигурно ќе го дадам максимумот денеска Шкупи да победи и да останеме во трката за титулата“ – вели Цветаноски.

Тренерот на „црвено-црните“ Никола Илиевски – Џиџи, пак, вели дека и покрај тоа што Шкупи е фаворит Вардар на ова гостување нема да замине со бело знаме.

„Шкупи е одлична екипа и дефинитивно е фаворит на овој натпревар. Но, и покрај фаворитската улога Вардар на гостувањето нема да замине со „бело-знаме“. Стручниот тим добро го анализираше противникот и верувам дека фудбалерите на теренот ќе можат да ги исполнат барањата. Многу ми значи на мене, но посебно на фудбалерите големата поддршка од „Комити“ бидејќи и покрај сите проблеми знаат дека има луѓе кои што стојат позади нив и секогаш ќе бидат тука за Вардар. Имам голем број дебитанти во тимот и навистина за тие млади фудбалери многу значи големата поддршка која ја добиваме секојдневно. Околу здравствениот билтен под знак прашалник е само капитенот Дејан Блажевски, за кого медицинскиот тим ќе даде мислење дали ќе може да настапи на натпреварот“ – вели Илиевски.

ПРВА ЛИГА – 23. КОЛО (денеска, 15 ч.)

Скопје: ШКУПИ – ВАРДАР

Тетово: ШКЕНДИЈА – ПЕЛИСТЕР

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС

Струга: СТРУГА ТЛ – РЕНОВА

Велес: БОРЕЦ – БЕЛАСИЦА

ВЧЕРА

Скопје: РАБОТНИЧКИ – АК. ПАНДЕВ 0-2

Се вчитува...