Тухел ги налути „спарси“: Отишол во куќата на Кејн за да го убедува да дојде во Баерн Минхен

Челниците на Тотенхем се бесни на однесувањето на Томас Тухел, откако беше обелоденето дека тренерот на Баерн Минхен дошол во Лондон и се сретнал со Хари Кејн во куќата на голгетерот, без дозвола на „спарси“ кои имаат уште една година од договорот со одличниот голгетер. Баварците се мачат да најдат заеднички јазик со Тотенхем околу висината на трансферот, а преговорите дополнително ќе се искомпликуваат откако Даниел Леви останал бесен од односот на Тухел.

Средбата во куќата на Кејн се случила кон крајот на месец мај, кога германскиот стратег се сретнал лично со англискиот репрезентативец презентирајќи му ја својата визија за неговата улога во тимот. Голгетерот бил импресиониран и две седмици подоцна почнал да притиска за трансфер токму во Баерн, отфрлајќи ги понудите на Манчестер Јунајтед и на ПСЖ.

Даниел Леви важи за исклучително тежок преговарач кога станува збор за продажба на најдобрите фудбалери на Тотенхем, а тој веќе порачал „дека е бесен на Баерн и дека дури сега нема да има начин за компромис во преговорите“. Ова практично значи дека „спарси“ тешко ќе отстапат од сумата од 100 милиони фунти што ја бараат за својот капитен без оглед на инсистирањето на Баерн трансферот да биде комплетиран за помала отштета. Понудата од 60 милиони фунти плус клаузули беше експресно одбиена, баварците најавуваат нов обид со 80 милиони фунти, но тешко дека Тотенхем ќе се согласи и на ваква исплата, особено откако Леви збесна од односот на Тухел.

Се вчитува...