Турам во одбрана на Пирло: Дајте му време, тој ќе биде врвен тренер

Андреа Пирло е посочен како еден од главните виновници за слабата сезона на Јувентус, а според италијанските медиуми младиот стратег на крајот од сезонава сигурно ќе добие отказ. Поранешниот дефанзивец на Јуве, Французинот Лилијан Турам, јавно застана во одбрана на Пирло барајќи од управата на „старата дама“ да му укаже доверба на младиот стратег.

Според него, Пирло ги поседува сите квалитети за да биде врвен тренер, но мора да го добие неопходното искуство.

„Критиките на адреса на Пирло се смешни, затоа што верувам дека тој ќе ставен извонреден тренер, на исто ниво какво што беше и како играч. Се што треба е време. Не можете веднаш да станете врвен тренер, врвен готвач, врвен новинар. За се треба време и искуство. Не може од Пирло да барате во првата година да ги има истите резултати како стратезите со 10-15 години искуство“, вели Турам.

Потоа, Французинот го спореди Пирло со почетоците на тренерската кариера на неговиот сонародник Зинедин Зидан.

„Сите велат дека Пирло треба да е како Зидан, но да не заборавиме дека Зизу пред да биде прв тренер на Реал, веќе го водеше младиот тим на Реал Мадрид, а претходно беше и асистент на Карло Анчелоти. Постои работа што се вика собирање на искуство, Пирло сега минува низ таа фаза. Не може да очекувате тој веднаш да знае се како тренер, но верувајте дека станува збор за човек со извонреден потенцијал“, порачува Лилијан Турам.

Се вчитува...