Турингер е последниот ривал на „вардарки„ во ЛШ

Ракометарките на Турингер ја искористија предноста на домашниот терен и славеа на квалификацискиот турнир што во изминатите два дена се одржуваше во Нордхаузен, обезбедувајќи пласман во групната фаза од Лигата на шампионите каде германскиот клуб за противник ќе го има и македонскиот првак ЖРК Вардар.

Турингер најпрвин во вчерашното полуфинале славеше над Атлетико Гуардес од Шпанија со убедливи 31-21, а Германките потоа беа убедливи и во денешното финале, во кое славеа над шведскиот состав Х65 Хорс, со убедлив резултат 33-24. Сите дилеми околу победникот беа разрешени уште во првото полувреме, во кое Турингер поведе со  16-9, по што германските ракометарки до крајот ја зголемија својата предност на конечни девет гола разлика. Јакубисова со осум гола беше најефикасна во победничкиот тим, пред Лузумова и Хубингер со по шест постигнати погодоци.

Турингер ќе биде дел од групата Ц од Лигата на шампионите, во која ќе се натпреварува со ЖРК Вардар, ФТЦ Будимпешта и со екипата на Ларвик. „Вардарки“ во првото коло на 6 октомври ќе го пречекаат тимот на ФТЦ Будимпешта, а во втората рунда ќе му гостуваат во Германија на Турингер.

Се вчитува...