Удар за Милан – Златан го пропушта и дербито со Јуве

Златан Ибрахимовиќ ќе пристигне во Италија и ќе почне со лесни тренинзи во „Миланело“, но прогнозите на лекарите на Милан воопшто не се позитивни. Шведскиот ас беше на чекор до камбек по повредата на мускулот, кога заработи нова повреда на истата нога и сега ќе мора да мине уште извесно време надвор од терените.

Тој сигурно ќе го пропушти првиот меч во 2021 година против Беневенто на 3 јанури, како и дербито со Јувентус закажано за три дена подоцна. Прогнозите на лекарите се дека Швеѓанецот нема да може да настапи ниту на двете средби со Торино (првата во Серија А, втората во Купот на Италија), а се очекува Ибрахимовиќ да биде целосно подготвен за камбек на дуелот со Аталанта закажан за 23 јануари.

Тој не се наоѓа на списокот на тренерот Пиоли уште од дуелот со Наполи одигран на 22 ноември. Милан засега добро се снаоѓаше во отсуство на својот лидер, но јасно е дека неиграњето на Златан значително ги намалува шансите на „росонерите“ во трката за скудетото.

Се вчитува...