УЕФА без милост за Динамо Загреб

Динамо Загреб ќе мора да го игра наредниот домашен натпревар во европските купови пред празни трибини, а доби и уште еден меч суспензија како „условна казна“, доколку во иднина се повтори неспортското и расистичко навивање на фановите на хрватскиот првак. Дисциплинското тело за Контрола и Етика при УЕФА го пријави Динамо Загреб по низа точки и неправилности, од расистичко навивање, преку користење на пиротехника и фрлање на предмети на теренот за време на домашниот натпревар против Бенфика, во осминафиналето од Лигата на Европа.

Европската куќа на фудбалот досега знаела да прогледа низ прсти и да изрече само парични казни, но овојпат Динамо доби и забрана за присуство на навивачи на два меча, од кои оној вториот е условна казна. Покрај оваа санкција, Динамо ќе плати и 20.000 евра за расизам и уште 40.000 евра за сите останати престапи наведени во записникот.

Со оглед на фактот дека хрватскиот првак веќе е елиминиран од европските купови, санкцијата ќе се однесува на првиот домашен натпревар од наредната сезона во квалификациите за Лигата на шампионите.

Се вчитува...