УЕФА ќе го исфрли Милан од Европа?!

Милан се соочува со сериозна опасност да добие забрана за учество во европските купови, откако „росонерите“ не ги задоволиле правилата за финансиски ферплеј пропишани од страна на УЕФА. Фокусот на вниманието во последните месеци е насочен кон ПСЖ, но европската куќа на фудбалот не ги заборави ниту „росонерите“, кои потрошија над 200 милиони евра на фудбалери во последниот преоден рок.

Челниците на УЕФА побарале објаснување од страна на раководството на италијанскиот гигант, по што директорот Марко Фасоне бил повикан во Женева за да даде објаснување за целата ситуација. Првиот оперативец на „росонерите“ ги разочарал претставниците на УЕФА со очајната презентација, со оглед на фактот дека Фасоне прикажал дека клубот планирал да го „покрие минусот“ со влез на тимот во Лигата на шампионите, нешто што е невозможно со оглед на очајните игри на Милан на стартот од сезонава.

Тој дури и не дал соодветни податоци за потеклото на потрошените пари, со оглед на истрагата на кинеските власти против Јонгхонг Ли, според која постојат сериозни сомнежи дека тој е вистинскиот сопственик на компанијата која го презеде клубот и инвестираше во нови фудбалери.

Како што јавуваат бројни медиуми ширум Европа, УЕФА ќе инсистира да се задоволи финансискиот ферплеј, што значи дека Милан ќе мора да троши онолку пари колку што ќе генерира со своето работење, без „надворешни финансиски инјекции“ од својот газда. Ова би значело дека „росонерите“ ќе мора да продадат голем дел од купените играчи, или им се заканува исфрлање од европските натпреварувања и суспензија од најмалку една година.

На потег е европската куќа на фудбалот, која ќе треба да реши дали ќе изнајде некаков „спогодбен договор“ што би значел втора шанса и дополнителен рок за „росонерите“, или ќе биде изречена казна и суспензија.

Се вчитува...