УЕФА вели не треба, но Премиерот Заев сепак сака да го смени името на Фудбалската Федерација

Премиерот на Владата, Зоран Заев, повторно го актуелизираше прашањето за македонските дресови на ЕВРО 2020. Само неколку дена по извојуваната „победа“ и одлуката на УЕФА дека грчките барања за промена на називот на федерацијата (моментно Фудбалска Федерација на Македонија) и на кратенката на дресовите се неосновани, македонскиот премиер најави дека е подготвен да дискутира и за промена на називот на нашата куќа на фудбалот.

Во изјава за грчките медиуми, Заев изненади со инсистирањето дека конкретниот назив на федерацијата планира да го реши врз основа на Договорот од Преспа, само една седмица откако Министерот за Надворешни Работи, Бујар Османи, децидно испрати порака до Грците дека ФФМ не може да биде предмет на Преспанскиот договор бидејќи не станува збор за институција финансирана од државни средства.

Сепак, ставот на Премиерот на Владата е сосема спротивен на оној на Министерот Османи.

„Цела Европа знае дека нашата фудбалска репрезентација на првенството ја претставува Северна Македонија. Дури и Федерацијата да не е јавен ентитет, националниот тим е. Како што е во сите земји во светот. Па така, јасно е и треба да биде јасно на сите нивоа дека е репрезентација на Северна Македонија, ирелевантно од иницијалите на Федерацијата на дресовите. Веќе го покренавме конкретниот аспект со Федерацијата и во наредниот период ќе го решиме прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА“, истакна Премиерот Зоран Заев.

Се вчитува...