Повлечен бројот „30“ во чест на Стеф Кари

Универзитетот Дејвидсон од Северна Каролина одлучи да го повлече дресот со број „30“ што го носеше еден од најпознатите студенти на овој колеџ, Стеф Кари.

Ѕвездата на шампионот во НБА, Голден Стејт беше прогласен за најкорисен играч во финалната серија против Бостон. Неговиот дрес ќе биде повлечен од употреба на церемонијата на 31 август. Кари играше за „дивите мачки“ од Дејвидсон, во периодот од 2006 до 2009 година, пред да се пресели во Голден Стејт вориорс.

Бекот на Голден Стејт на споменатата церемонија ќе „влезе“ во Куќата на славните на Универзитетот Дејвидсон и ќе ја добие дипломата што ја стекна со одбраната на дипломската работа од областа на социологијата во мај годинава.

Дипломата требаше да ја добие во јуни, но поради учеството во финалето на НБА, не можеше да присуствува на церемонијата. Инаку, завршувањето на студиите беше услов факултетот да му оддаде почит на својот најдобар спортист во историјата.

 

Се вчитува...