Уште еден месец можност за пријава за новото издание на „Трка на поезијата“ во Струга

Под мотото „Трчаме рецитираме“, во организација на атлетскиот клуб „Спортски мостови“ на 26. мај во Струга ќе се одржи четвртото издание на атлетската манифестација „Трка на поезијата“.

Манифестацијата, како што соопшти организаторот, и годинава ќе содржи три трки, главната атлетска трка на 10 километри од натпреварувачки карактер и рекреативна трка на пет километри, а ден претходно ќе се одржи и „Боград детската трка“ традиционално посветена на лицата со ретки болести.

Како што посочуваат од „Спортски мостови“, во тек е пријавувањето за трките, а најавуваат и учество на истакнати атлетски имиња од земјата и странство.

Регистрацијата за четвртото издание ќе трае до крајот на април, на веб страната www.poetryrun.mk.

„Оваа година како и во изминатите изданија огромна чест и задоволство ни претставува и доаѓањето на нашите истакнати атлетски имиња во Македонија и доста други активни и рекреативни натпреварувачи од други држави кои постигнуваат одлични резултати во кралицата на спортот. Со задоволство и огромна благодарност до Хотел „БОГРАД“ и г-динот Шериф Кадриески би сакале да Ве информираме дека и овогодинешната детска трка ќе биде посветена на децата со ретки болести! Од децата за децата!“ – информираат организаторите.

Се вчитува...