Вајли пристигна во Скопје: Швајцарија и Словачка не се како Русија и Италија, но …

Џејкоб Вајли пристигна во Скопје и ќе се приклучи на подготовките на сениорската репрезентација, која наредниот месец ја очекуваат пресметки со Словачка и Швајцарија во претквалификациите за наредниот светски шампионат.

Вајли се покажа во одлично светло на претходните квалификации за Евробаскет, на кои дебитираше во македонскиот дрес на турнирот во Русија, а во ситуација кога покрај капитенот Војдан Стојановски ќе отсуствува и Ненад Димитријевиќ, сега Вајли ќе ја има улогата на лидер на подмладната репрезентација на Македонија.

„Свесен сум за тежината која со себе ја носи играњето во дресот на националниот тим на Македонија. Би додал дека подготвен го дочекувам влегувањето во сала. Тоа ќе биде само продолжение- континуитет на мојата индивидуална работа која ја реализирав во изминатиот период во некои ‘домашни услови’. Пред себе си поставив една цел, заедно со соиграчите да ја однесеме Македонија во оној поважен сегмент од квалификациите за Светскиот куп“, вели Вајли.

Тој максимално ги почитува ривалите против кои нашата репрезентација ќе води битка во периодот од 12 до 18 август, за да обезбеди пласман во главните квалификации.

„Мислам дека се навикнавме на тој турнирски систем, и дека нема да бидат проблематични тие седум-осум дена. Треба да се спремиме максимално. Напорите сигурно ќе бидат големи. Можеби, како имиња Словачка и Швајцарија не се Русија и Италија. Но знаете, сега сите играат кошарка, и тоа добра. Тоа бара максимален пристап кон обврските. Ние сме подготвени за таков предизвик. Само добро да ги одработиме подготовките во овие две седмици кои се пред нас. Очекувам да бидеме подобри од нив и да одиме понатаму“– најавува еден од нашите најголеми адути и во овој претквалификациски циклус.

Се вчитува...