Вајперс го реши Мец, за ново финале во ЛШ

Вајперс Кристијанстанд е вториот финалист во Лигата на Шампиони за жени откако норвешкиот првак полесно од очекувањата ја доби битката со Мец со резултат 33-27.  Норвежанките со оваа победа ќе ја бранат европската круна освоена лани, а за ривал ќе го имаат унгарскиот гигант Ѓер.

Ракометарките на Вајперс беа подобар ривал во голем дел од првото полувреме, имаа и водство од 7-12, но Мец воскресна во финишот од полувреме, десет минути не прими ниту еден гол, направи пресврт и на одмор дури замина и со минимална предност од 15-14. Тоа беше се што францускиот состав успеа да стори во ова финале, бидејќи вторите 30 минути минаа во знакот на составот од Норвешка. Искусната Лунде блескаше на голот на Вајперс, во нападот одговорноста ја презеде Јерабкова, па Вајперс успеа да поведе со убедливи седум гола на петнаесетина минути до крајот (28-21). Мец се приближи само до пет гола негатива, но ракометарките на Вајперс не дозволија да се влезе во неизвесен финиш, рутински контролирајќи го резултатот до конечните 33-27.

Лунде и на 42 години беше фантастична на голот на победничкиот тим со 16 одбрани, Јерабкова ја наполни мрежата на Мец со 12 погодоци, а седум гола постигна Нора Мерк, за заслужена победа на Вајперс Кристијанстанд во ова полуфинале.

Се вчитува...