Валверде го отпиша Ракитиќ, каде ќе заврши Хрватот?

За Иван Ракитиќ повеќе нема место во првиот тим на Барселона, а на хрватскиот ас веќе му било соопштено дека треба да си побара нов клуб. Каталонскиот весник „Спорт“ објави дека за Валверде нема дилеми, скапо платениот Де Јонг ќе биде стандарден првотимец, а „жртва“ во целата ситуација ќе биде токму хрватскиот репрезентативец.

„Ракитиќ беше важен играч во нашиот тим, но не знам дали ќе остане и во новата сезона. Нови играчи дојдоа и тој ќе мора да се избори за своето место“ – истакна Ернесто Валверде.

Пораката од тренерот е јасна, управата го дели ставот дека Ракитиќ треба да биде продаден, но проблем претставува фактот дека ниту еден клуб не е подготвен да плати 60 милиони евра, колку што бара Барса за Хрватот. Дури и челниците на ПСЖ се откажале од намерата да го доведат Ракитиќ како дел од трансферот на Нејмар, испраќајќи јасна порака дека за хрватскиот плејмејкер нема место на „Паркот на принцовите“.

Оле Гунар Солскјер пред извесно време упати бројни комплименти на адреса на Ракитиќ, па останува да се види дали стратегот на Манчестер Јунајтед ќе испрати официјална понуда до Барселона. Како опција се споменуваат и градските ривали Милан и Интер.

Се вчитува...