Валверде пак го избриша Ракитиќ, Дембеле се враќа за Вилјареал

Иван Ракитиќ доби шанса од првата минута против Џирона, но по потпросечниот настап беше повлечен од игра во 60. минута. Казната за слабиот настап стигна експресно, па Хрватот не се најде ниту на поширокиот список на играчи за утрешниот натпревар против Вилјареал.

Плејмејкерот беше поврзуван со заминување од „Камп ноу“ во текот на летово, реши да остане и да се бори за првотимски статус, но како што стојат работите тој може веќе во јануари да ги промени клупските бои. Заедно со Ракитиќ дуелот со Вилјареал од трибините на „Камп ноу“ ќе го гледа и младиот Карлес Перез, кој исто така одигра слаб меч со Џирона. Покрај овие двајца играчи, Валверде нема да смета ниту на повредените Алба и Умтити.

Добра вест за Валверде е што Дембеле конечно ги надмина проблемите со повредата, па францускиот офанзивец ќе се најде на клупата за резерви од првата минута против „жолтата подморница“. Откако Меси влезе од клупата за резерви против Борусија Дортмунд и против Џирона, за очекување е Аргентинецот конечно да стартува од првата минута против Вилјареал.

Се вчитува...