Валверде пред враќањето кај „својот“ Олимпијакос: Мораме да останеме фокусирани на фудбалот

Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде на денешната прес конференција истакна дека неговите играчи мора да бидат фокусирани на фудбалот во пресрет на утрешниот со Олимпијакос во Лигата на шампиони. Од ситуацијата која се случува во Каталонија и осамостојувањето, произлегува и предупредувањето на Валверде, кој вели дека се обидува да ги изолира фудбалерите од политичките проблеми.

„Мораме да останеме фокусирани на фудбалот, поточно да се концентрираме само на едно нешто, а тоа е да победуваме на секој натпревар и да ги радуваме нашите навивачи. Свесни сме за ситуацијата во Каталонија, но јас се обидувам да ги изолирам моите играчи од тие случувања, бидејќи можат да ни пречат во одреден момент. Шпанското првенство е многу комплицирано, играме во тешка лига, но издоивме триумф против Атлетик Билбао, па на мечот со Олимпијакос ќе влеземе со голема самодоверба“, истакна Валверде.

Шпанскиот стратег во минатото во два наврати беше предводник на екипата на Олимпијакос, со која освои три титули во грчкото првенство, а на два пати успеа да ја освои двојната круна.

„Имам многу убави сеќавања од времето кога го водев Олимпијакос. Иако топло ќе бидам пречекан, сите присутни на стадионот ќе навиваат за домашната екипа“, додаде Валверде.

Се вчитува...