Ван Дајк: Ова ни е тренинг… за живот по фудбалот

Најдобриот светски дефанзивец Вирџил ван Дајк не крие дека тешко му паѓа предолгото отсуство од терените, предизвикано од пандемијата од коронавирус поради која Премиер-лигата два месеци е во прекин. Асот на Ливерпул посакува што поскоро да бидат создадени услови за фудбал во Англија, но и истакнува дека токму оваа двомесечна пауза му ставила до знаење колку им е тешко на фудбалерите веднаш по завршувањето на кариерите.

„Ми недостига играњето фудбал, победувањето, делењето на радоста со навивачите. Ми недостигаат соиграчите, вообичаено минуваме многу време заедно, а сега се немаме видено веќе два месеци. Оваа пауза придонесе повеќе да ги цениме ситните работи, ова за нас е тренинг, за животот по фудбалот. Увидов некои ситуации и помислив дека вака се чувствуваат играчите кога ќе се пензионираат, кога се навикнати на фудбалски живот, а веќе не треба да одат на тренинзи и да играат натпревари“, истакна Ван Дајк.

Холандскиот репрезентативец откри и како се случило да го напушти Саутемптон и да се пресели токму во Ливерпул, со ситуација кога бројни врвни клубови се интересираа за неговите услуги.

„Ги согледував сите аспекти, начинот на играње, кои ми се соиграчи, карактерот на тренерот, навивачите… Ливерпул го имаше сето она што го барав и веднаш ми стана јасно дека го направив вистинскиот избор. По само шест месеци во клубот успеавме да играме во финалето од ЛШ, што ми помогна уште повеќе да се развијам како играч“, вели Вирџил ван Дајк.

Се вчитува...