Ван Перси: Ван Гал е лош човек, од Јунајтед ме избрка на брутален начин

Холанѓанецот Робин Ван Перси мина одлични три сезони во редовите на Манчестер Јунајтед, иако сето тоа не беше баш како во Арсенал. Во првата сезона ја освои Премиер-лигата и титулата најдобар стрелец на сезоната, а низ целиот престој на „Олд Трафорд“ постигна 58 гола во 105 натпревари.

Можеби ќе имаше уште настапи за Јунајтед во тоа време на „Олд Трафорд“ да не беше Луј ван Гал.

„Имав разговор со Ван Гал кој ми рече: ‘Ок, Робин, нашите патишта се различни. Јас сум тренер, ти си играч. А, твоето време тука е истечено и мораш да си одиш’. Му одговорив дека имам договор, на што тој онака брутално ми рече дека тоа не му е грижа и дека ќе направи се да заминам од клубот. Немилосрдно. Мене ми е јасно дека во фудбалот нема милост и дека некогаш ќе дојде разделба, но таква немилосрдност од сонародник не очекував“ – се потсетува Ван Перси, и дополнува:

„Семејството ми беше среќно во Англија. Имав договор со клубот, децата ми одеа во школо, имав пријатели и во една секунда се ти се руши. На пат кон дома размислував како да реагирам на таква ситуација, немилосрдна, тешка и директна. Многу нешта ми се мотаа низ главата. На тренинзите ми даваа топка сам да тренирам издвоен од екипата. Беше навистина тешко, но издржав без да направам некаков проблем“.

Таа шанса ја искористи Фенербахче и го доби Ван Перси за четири милиони евра. Потоа се врати во Феенорд каде и ја заврши кариерата.

 

Се вчитува...