Вардар без Борко и Јотиќ – Само победа е опција против Елверум

Ракометарите на Вардар денеска го пречекуваат Елверум во натпревар од Лигата на шампионите. По двата порази во неколку дена од Пик Сегед, „црвено-црните“ мора да го добијат овој натпревар како би покажале дека се уште се тимот кој е подготвен за големи дострели.

Тренерот на вардарци, Стевчо Алушовски се надева дека по двата несреќни порази против Пик Сегед сега ќе се радуваат на победа.

„Не очекува една пеколна недела. Ќе треба да одиграме 4 натпревари, два од Лигата на шампионите, една од СЕХА лигата и еден од домашниот куп. Ќе одиме меч по меч. Одигравме два меча со Сегед на кои бевме блиску, но не успеавме да победиме. Сега мора да гледаме напред и на мечот со Елверум кој не очекува. Тоа е тим кој не е наивен, не смееме во никој случај да ги потцениме. Гледваме видео, анализиравме каква е нивната одбрана. Тоа е квалитетна одбрана, многу слична на таа скандинавска школа, со многу контакт и густина. Но можеме и знаеме како да нападнеме. По оние два малку и несреќни порази се надевам дека ќе се радуваме. Шансите за успех се многу поголеми отколку на мечевите со Сегед“, вели кормиларот на Вардар.

Крилото на „црвено-црните“ Тимур Дибиров вели дека формата на тимот е во нагорна линија и покрај трите порази во низа и дека е време да почне победничката серија на неговиот тим.

„Без оглед на поразите и негативната серија, три натпревари без бодови. Од друга страна се гледа дека напредуваме во играта. Многу напредувавме од претходната година. Нашите амбиции растат. Имаме притисок дека мора да победиме и доаѓаат натпревари во кои планираме да победиме. Сите екипи со кои игравме имаат различен стил од Елверум. Тие негуваат физички силен ракомет и многу интензивен. Ќе видиме на кој начин сме подготвени за овој меч, но сигурен сум дека конечно ќе влеземе во добра серија и ќе ја поправиме ситуацијата“, вели Дибиров. 

Вардар на овој меч нема да може да смета на Ловро Јотиќ за кој не е откриена причината поради која нема да настапи, а на негово место во тимот е вметнат Карапалевски. Исто така тренерот Алушовски, нема да може да смета ниту на голманот Борко Ристовски кој поради повреда го пропушти и гостувањето кај Пик Сегед.

Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за во 16 часот.

Се вчитува...