Вардар без конкуренција во македонското ватерполо: „Црвено-црните“ апсолутни шампиони во младински категории

Македонското ватерполо добива јасен лидер, а тоа е екипата на Вардар. По доминацијата на зимското национално првенство, „црвено-црните“ ја потврдија својата класа и на летниот шампионат, освојувајќи ги шампионските титули во сите четири младински категории и уште еднаш покажувајќи дека во моментов се клубот што ги поставува стандардите во домашното ватерполо.

Вардар сезоната ја заврши како апсолутен државен шампион во категориите:
У12 (2014 и помлади)
У14 (2012 и помлади)
У16 (2010 и помлади)
У18 (2008 и помлади)

Со ова, клубот по вторпат во низа успева да ги обедини сите национални титули во младинските категории – подвиг кој ретко се гледа во македонскиот спорт и кој е резултат на долгогодишна визија, системска работа и континуиран развој.

Но, успехот на Вардар не се мери само преку освоените трофеи. Она што особено привлекува внимание е начинот на кој клубот ја гради својата спортска приказна. Со јасна методологија на работа, професионален пристап, дисциплина, современи услови за тренинг и силна поддршка од родителите, Вардар создава генерации млади ватерполисти кои веќе денес се иднината на македонскиот спорт.

Голема заслуга за овој резултат има и стручниот штаб, предводен од еден од најпознатите македонски ватерполо тренери и поранешни репрезентативци, Сашко Поповски. Поповски зад себе има богата интернационална кариера како играч и тренер, настапувајќи и работејќи во повеќе европски клубови, а во минатото беше и селектор на македонската сениорска репрезентација. Во последните години своето знаење го надградуваше и во силното малтешко ватерполо, каде работеше како тренер во неколку реномирани клубови и академии, стекнувајќи драгоцено меѓународно искуство кое денес успешно го пренесува во Вардар.

Доминацијата на Вардар ја потврдуваат и индивидуалните признанија. Од вкупно 12 доделени награди на првенството, дури седум завршија во редовите на новиот шампион.

Во категоријата У12, за најдобар голман беше прогласен Павел Цветковски, додека признанието за најдобар играч му припадна на Матео Ѓуравчевиќ.

Кај У14 категоријата, титулата најдобар играч ја освои Огнен Ивановски.

Во У16 конкуренцијата, Антонио Ѓуравчевиќ беше избран за најдобар играч, а Марко Маџоски за најдобар стрелец на првенството.

Во највозрасната младинска категорија У18, Михаил Влахов го доби признанието за најдобар играч, додека Видан Јакимовски беше избран за најдобар голман.

Овие индивидуални признанија само ја надополнуваат сликата за квалитетот што Вардар го поседува во сите генерации, но и за успешната работа во развојот на младите ватерполисти.

По освојувањето на сите домашни титули, амбициите на клубот веќе се насочени кон следниот чекор. Во Вардар не кријат дека домашната сцена повеќе не е единствениот предизвик, туку фокусот се префрла кон настапи на силни регионални турнири и меѓународни лиги, каде младите вардарци ќе имаат можност да се натпреваруваат со најдобрите екипи од регионот.

„Горд сум што Вардар повторно покажа дека е водечки клуб во Македонија, особено ме радува што од година во година македонското ватерполо оди во вистинска насока. Денес гледаме повеќе деца, повеќе клубови, поквалитетни првенства и подобра организација, а тоа е најдобар показател дека спортот повторно се развива. Верувам дека ова е само почеток и дека најдобрите години за македонското ватерполо допрва доаѓаат. Нашите амбиции повеќе не завршуваат со домашните титули. Сакаме Вардар да биде редовен учесник на најсилните регионални турнири и меѓународни натпреварувања. Веруваме дека клубот е подготвен за тој предизвик и дека е време да се докажуваме и надвор од Македонија“, рече Александар Ѓорѓевски, претседател на ВК Вардар.

Со ваква организација, стручност и резултати, Вардар испраќа јасна порака дека македонското ватерполо има клуб кој не само што доминира на домашната сцена, туку сериозно работи на создавање генерации способни во иднина достојно да ја претставуваат Македонија и на меѓународната ватерполо мапа.

Се вчитува...