Вардар е на еден чекор од Келн – Загреб „падна“ и во Скопје

Вардар апсолутно заслужено се пласираше во четврт-финалето од Лигата на шампионите откако „црвено-црните“ и на вториот натпревар беа подобри од Загреб, овојпат на домашен терен со 32-30. Мечот мина онака како што посакуваше Парондо, стратегот на „вардарци“ ротираше повеќе од вообичаено, но македонскиот првак сепак цел натпревар го контролираше резултатот. Гостите се заканија во самиот финиш, но Скубе и Чупиќ беа прецизни кога беше најважно и му ја донесоа победата на Вардар.

Тренерот Парондо се реши за ротации во стартниот тим, на голот почна Гедбан, но „вардарци“ и со комбиниран состав наметнаа сислно темпо што гостите во почетните минути не можеа да го следат. Чупиќ постигна четири гола во првите осум минути, а Вардар поведе со 8-4, по што македонскиот првак лесно го контролираше резултатот во првото полувреме. „Црвено-црните“ за првпат поведоа со шест гола разлика реализирајќи за 13-7, а печат на одличното полувреме стави Горбок, кој постигна фантастичен погодок од десет метри на својот камбек на терените, за водство од 19-13.

„Вардарци“ во вториот дел поведоа и со „плус седум“ (23-16), но Загреб со четири гола во серија го најави својот камбек. Фактот дека конечниот исход во овој двомеч е однапред решен придонесе да се прават грешки на двете страни, но гостите од Хрватска подобро се снајдоа во завршницата, па успеаја и да стигнат до израмнување (30-30). Скубе постигна гол за водство од 31-30 на две минути до крајот, по што Криштопанс на спротивната страна одлично блокираше во одбраната. Гостите во завршницата останаа со двајца ракометари помалку на теренот, Шишкарев изнуди пенал, а Чупиќ биеше прецизно, за нова победа над хрватскиот првак, овојпат израена со конечни 32-30.

Чупиќ беше вистински кошмар за своите сонародници постигнувајќи девет гола од десет обиди, четири гола постигна Дибиров, а три Карачиќ.

Се вчитува...