Ракометарите на Вардар уште еднаш ја демонстрираа својата моќ откако на домашен терен го совладаа составот на Рајн Некар Левен (30-26), принудувајќи го германскиот првак на капитулација во СЦ „Јане Сандански“. Ланската лекција од поразот од истиот ривал во Скопје беше научена, па Раул Гонзалес и неговите избраници овојпат им одржаа лекција на незгодните ривали, продолжувајќи ја својата доминација во групата. Дури ниту отсуството на Лука Циндриќ не остави никаква трага, „црвено-црните“ и без својот прв плејмејкер делуваа беспрекорно во нападот пред се благодарение на одличниот Карачиќ.
„Вардарци“ од самиот почеток јасно ставија до знаење кој е европски шампион на овој дуел. Пред се импресивна беше одбраната, која функционираше перфектно и против седумте играчи во напад на германскиот првак. Грешките на „лавовите“ беа претворани во лесни голови, па „црвено-црните“ набрзина се одлепија, а Јакобсен беше принуден да побара тајмаут. Сепак, стратегот на Некар Левен беше целосно надмудрен од Гонзалес, кој уште една ја покажа својата ракометна генијалност, неутрализирајќи ги главните оружја на противникот. „Вардарци“ во еден момент имаа и најубедливи седум гола предност (15-8), но тогаш неочекувано дојде до пад во нивната игра, се промашија и неколку зицери, па гостите од Германија со лобот на Сигурдсон го завршија полувремето со резултат 17-13.
Арпад Штербик, кој во првиот дел беше под своето вообичаено ниво со само три интервенции, го отвори второто полувреме со одбранет удар на Ларсен. Тоа беше само предзнак дека „вардарци“ немаат намера да го намалат темпото, македонскиот првак продолжи да го контролира резултатот, Карачиќ погоди од соло-акција за 20-15, резултат при кој Енди Шмид промаши пенал. Во кратките моменти на криза Гонзалес искусно зеде тајмаут при водство од 22-18, по што Вардар повторно ја презеде контролата, не дозволи противникот посериозно да се приближи, па македонскиот тим на крајот заслужено славеше со конечни 30-26.
Вуко Борозан со седум гола беше најефикасен кај „црвено-црните“, Чупиќ постигна шест, додека Кристопанс го заврши мечот со пет погодоци зад своето име.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА