Вардар едно полувреме се загреваше, па го прегази Тиквеш

Актуелниот шампион на Македонија Вардар стигна до нова победа во плеј-офот од Суперлигата откако на домашен терен во натпревар од шестата рунда славеше над Тиквеш со убедливи (35-25).

Владо Недановски се одлучи по големото дерби со Еурофарм Пелистер на почетокот на овој меч да почне со резервистите, па на теренот ги немаше Талески, Манасков, Георгиевски и Стоилов. Тиквеш на комбинираниот состав на Вардар покажа голем отпор па по 22 минути игра имаше предност и од два разлика (10-12).

Сепак, до крајот на првиот дел актуелниот македонски шампион заигра подобро и успеа на пауза да замине во егал (15-15). Второто полувреме младиот стратег на „црвено-црните“ се одлучи да ги внесе во игра искусните.

И веднаш дојде до израз разликата во квалитет. Вардарци го полнеа голот на гостите од Кавадарци буквално од секоја позиција и на крајот стигнаа до убедлив триумф од 35-25. Манасков, Чувара и Георгиевски со по шест гола беа најефикасни кај победникот, додека кај поразените по пет постигнаа Хамзиќ и Петровиќ.

Се вчитува...