Двократниот европски шампион Вардар го запиша и третиот пораз сезонава во Лигата на шампионите во исто толку натпревари откако вечерва загуби на домашен терен од Висла Плоцк со 26-32.
Избраниците на Иван Чупиќ го одиграа најслабиот натпревар сезонава во кој во ниту еден момент не беше знак прашалник кој ќе стигне до полн-плен.
Гостите подобро отворија, а Вардарци својот прв гол го постигнаа дури во 5. минута откако Јака Малус стрелаше за 1-3. Продолжија грешките во нападот, а во одбраната избраниците на Иван Чупиќ не успеаја да одбранат ниту еден напад на противникот, па при резултат 2-6 во 8. минута, хрватскиот стратег мораше да го побара својот прв тајм-аут.
Нитту минутата пауза не помогна, бидејќи веќе во следниот напад Висла дојде и до плус пет (2-7). Полјаците го контролираа мечот, а на половина од првиот дел за првпат стигнаа и до шест гола предност (5-11). Mатео Фадуил беше единствениот расположен во таборот на македонскиот шампион, па на неговтие крила во 22. минута Вардар успеа да ја преполови негативата (10-13). До крајот на првиот дел ја задржаа предноста и на пауза отидоа со два гола предност (13-15).
Вардар лошо го почна и второто полувреме. Полјаците врзаа два гола во низа и повторно се одлепија на плус четири (13-17). Висла продолжи да го полни нашиот гол и повторно стигна до плус пет 16-21 по кои Иван Чупиќ во 40 минута мораше да интервенира со својот втор тајм-аут.
Не помогна ниту тајм-аутот бидејќи гостите лесно го наоѓаа патот до нашиот гол, а во 48. минута стигнаа до највисоките плус седум (19-26), а Хрватот на клупата на Вардар во немоќ го искористи и последното право за минута пауза. До крајот полскиот тим рутински го приведе мечот за конечен триумф од 26-32.
Недовална беше неверојатната партија на Матео Фадуил кој одигра перфектен меч со 14 гола кај нашиот шампион. Кај победникот пак Фредерик Бјере заврши со 10 погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА



