Се е подготвено за големиот ракометен спектакл денеска во 19.30 часот во СЦ „Јане Сандански“, во кој силите ќе ги одмерат Вардар и Е. Пелистер, во клучната битка за шампионската титула во ракометниот плејоф. „Пелистерци“ ја имаат улогата на бранители на трофејот, но задачата вечерва ќе биде исклучително тешка. Двата тима имаат идентични 19 бода во пресрет на реваншот, а Вардар благодарение на победата во Битола пред еден месец може да се дозволи дури и реми, со кое „црвено-црните“ би стигнале до титулата.
„Вардарци“ играат извонредно откако Милано дојде на клупата на двократниот европски првак. Под водство на Аргентинецот „црвено-црните“ стигнаа до неколку огромни победи, меѓу другите и последните две над лутиот ривал од Пелистер, првата среде Битола во рамките од плејофот, со голот на Хорига во последните секунди, онаа втората пред само една седмица, во големото финале од Купот на Македонија во кое Вардар целосно го надигра противникот во салата „Билјанини Извори“ во Охрид.
Битолчани се надеваат на реванш, но задачата ќе биде исклучително тешка, особено ако се знае дека на последните четири средби во Скопје против Вардар „зелено-белите“ претрпеа исто толку порази. Последната лигашка победа на гостински терен против „црвено-црните“ ја забележаа во март 2022, со минимални 23-24.
За титула денеска „пелистерци“ бркаат победа од два гола, бидејќи во Битола загубија со 34-35… Нема дилема дека дербито ќе донесе огромна желба за победа, тактичко надмудрување, бројни дуели на работ на исклучување. Само нека победи подобриот на терен, да нема инциденти на трибини, туку ова ракометно дерби повторно да биде спортски празник…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА