Вардар кај „академците“ во Струмица, не е сеедно колкав ќе биде минусот зад Шкендија

Македонскиот првак Вардар го очекува многу напорен финиш на есента, со оглед дека ќе мора да ги одработи одложените натпревари со кои му беше излезено во пресрет за историскиот настап во групната фаза од Лигата на Европа. Но, по пет порази во Европа, сега Вардар мора да се насочи кон домашниот шампионат, и да се обиде да ја намали негативата во однос на Шкендија, која веќе се промовираше во есенски првак, по вчерашниот убедлив триумф над Ренова. Вардар има дури 14 бода негатива, но и три одиграни меча помалку, па воопшто не е сеедно со колкав минус ќе ја дочека пролетта.

Избраниците на Чедомир Јаневски немаа многу време за одмор и за подготовка по враќањето од далечниот Санкт Петербург, каде иако загубија од Зенит со 2-1, сепак, конечно го обелија образот на меѓународна сцена.

Академија Пандев е најпријатното изненадување во есенскиот дел од сезоната, се наоѓа на третата позиција и секако дека на стадионот „Младост“ ќе бара можност да го земе скалпот на шампионот. Овој натпревар ќе биде разубавен и со гостувањето на „Комитите“, кои добија дозвола да патуваат во Струмица.

Интересно ќе биде и на останатите натпревари. Пелистер под „Тумбе кафе“ има императив да го совлада Шкупи, а атмосферата кај битолчани е малку подобра, откако добија некоја „паричка“ од Општина Битола. Инаку, претходно им се должеа дури пет плати, што секако беше забележливо и на нивните настапи.

Силекс во Кратово ќе го пречека Работнички во пресметка која има важност за приклучување кон горниот дел од табелата, а Скопје и Победа ќе играат важен натпревар за опстанок.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 17.КОЛО (13 часот)

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ВАРДАР

СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ

ПЕЛИСТЕР – ШКУПИ

СКОПЈЕ – ПОБЕДА

ВЧЕРА

РЕНОВА – ШКЕНДИЈА 1-6

Се вчитува...