Вардар ќе игра против Шкендија, од понеделник враќање во тренинг-кампот во Хиподром

И покрај првично најавените проблеми околу обезбедување на техничката документација од страна на актуелното раководство на ФК Вардар, предводено од сопственикот Сергеј Самсоненко, сепак „црвено-црните“ ќе го организираат и играат саботниот натпревар против Шкендија од 24. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Веќе е сосема јасно дека Самсоненко ниту може ниту сака финансиски да го сервисира Вардар, но од се уште актуелното раководство ветиле дека од понеделник тимот ќе може да се врати на тренинзи во Хиподром како поуспешно би го дочекал секој следен натпревар во обидот да се обезбеди опстанок сезонава.

„И покрај техничките проблеми, сепак одигрувањето на натпреварот против Шкендија во сабота нема да биде доведено во прашање, односно ќе се одигра во предвидениот термин. Исто така актуелното раководство на Фудбалскиот Клуб Вардар во знак на добра волја го кани ФК Вардар од наредната недела да се врати со тренинзи во тренинг-кампот во Хиподром. Ова се конструктивни потези кои му доликуваат на реномето на Вардар. Сепак ова се потези на раководство во заминување, кое веќе не е во можност да ги сервисира своите обврски, но сака да се прости од клубот кој го водеше речиси 7 години барем со коректен однос, кога веќе не може во целост да ги регулира своите доспеани обврски, но и оние кои настануваат и ќе настануваат со тековното функционирање на клубот“ – информираат „Комитите“ притоа дополнувајќи:

„Колку и сево ова да го примаме со негодување, сепак принципиелноста е важна, и без оглед на тоа што според договорот актуелното раководство треба да го менаџира уште 3 години, сепак со сила убавина не бидува и едноставно не можеме да очекуваме некој кој не е во можност, да го води клубот и понатаму, и да се соочуваме со проблеми какви што имаме сега“.

Досегашниот и се уште актуелен сопственик Самсоненко, притоа, ветил дека ќе приложи гаранција со залог на личен имот за осигурување на наплатата на долгот до крајот на годината.

„Воедно добивме уверување дека обврските веќе поранешниот инвеститор Самсоненко ќе си ги регулира заклучно со 31.12.2021г. односно ќе приложи гаранција со залог на личен имот за осигурување на наплатата на долгот, во временска рамка, слично како до Ракометниот Клуб Вардар. Правните аспекти и импликации од ваквата ситуација не можеме да ги коментираме, но можеме да заклучиме дека во клубот е потребна нова енергија и перспектива. Не може повеќе да трае оваа сага, и редно време е сите да се соочиме со реалноста дека Вардар треба да биде вратен кај своите основачи, и од таму да се собере храброст да се прифати честа и одговорноста да му се обезбеди на клубот иднина со која ќе бидеме горди сите ние кои го сакаме Вардар. Сега е време да се најде праведно решение каде Вардар но и сите страни ќе бидат победници, а ние сме тука да помогнеме и да олесниме да се дојде до истото“ – велат Комитите.

Се вчитува...