Вардар на дисциплинска поради „УЕФА мафија“, пиротехника и лоша организација

Вардар се соочува со сериозна казна од Европската куќа на фудбалот откако Дисциплинската комисија на УЕФА, по извештајот на делегатот од синоќешниот натпревар против Розенборг во Лигата на Европа на „Филип Втори“, покрена постапка против македонскиот шампион.

„Црвено-црните“ ќе се соочат со казна поради транспарентот „УЕФА мафија“ на Западната трибина и скандирањето против Европската куќа на фудбалот, но и поради пиротхничкото шоу кое го приредија „Комитите“ во текот на второто полувреме од дуелот со Норвежаните. Во делегатските извештаи забележан е и пропустот околу организацијата со појавување на кучето на терен на сред натпревар, но и внесувањето пиротехника на стадионот.

Добро е познато дека УЕФА е жестока пред се кога се работи за употреба на пиротехнички материјали на натпреварот, но и скандирањата и транспарентите против оваа организација. Вардар веќе беше казнет во текот на оваа европска сезона, поради пропустите во организацијата на натпреварот против Малме во второто квалификациско коло за Лигата на шампионите во Струмица.

Се вчитува...