Вардар поразен од Кил, без финале на „Супер Глоуб 2019“

Македонскиот и европски шампион Вардар не успеа да се избори за финале на „Супер Глоуб 2019“ откако во полуфиналната пресметка загуби со 30-34 (17-19) од германски Кил.

Очајно одиграното второ полувреме беше причината за убедливиот пораз на „вардарци“ за кој највиновен беше одличниот на голот на Кил, данскиот голман Ландин. Германците, по израмнетото прво полувреме, во периодот од 35. до 45. минута во вториот дел имаа серија од 0-7 која ги доведе до предност од 20-29.

Сето тоа веќе го најави победникот на мечот. Во 51. минута Кил дојде и до двоцифрена предност од 22-32, за да потоа рутински, откако веќе беше познат победникот. го приведе натпреварот до крај со ублажен пораз на „црвено-црните“ за конечни 30-34.

Дибиров и Шишкарев имаа по четири погодоци во редовите на Вардар, а Криштопанс запиша три гола. Никлас Ландин беше прогласен за играч на натпреварот, со 12 одбрани, сите во второто полувреме кога и влезе за првпат во игра.

Вардар во битката за третото место на „Супер Глоуб 2019“ во сабота ќе се соочи со поразениот од втората полуфинална пресметка меѓу Барселона и домаќинот Ал-Вехда.

Се вчитува...