Вардар против Динамо Панчево се загреваше за Некар Левен

Ракометарите на Вардар го искористија денешниот дуел од СЕХА против Динамо Панчево (42-32) за полесен тренинг во пресрет на дуелот од Лигата на шампионите со Некар Левен, кој е вистинскиот предизвик за избраниците на Раул Гонзалес за оваа седмица. Токму затоа тренерот на „вардарци“ реши да им даде заслужен одмор на Штербик, Борозан, Абутовиќ и на Циндриќ, но и без четворица клучни ракометари „црвено-црните“ стигнаа до лесна победа над еден од најслабите тимови во лигата.

Победникот беше јасен уште пред почетокот на дуелот, а „вардарци“ немаа проблем да ја оправдаат фаворитската улога. Иако одбраната не функционираше, а Милиќ имаше само две одбрани цело полувреме, но на одмор сепак се замина со предност на македонскиот првак од 20-17. Гостите на стартот од вториот дел намалија на 20-18, во 38. минута повторно дојдоа на „минус два“ (23-21), за потоа Вардар целосно да се одлепи и на крајот да слави со убедливи 42-32.

Марсениќ со седум гола беше прв стрелец на „црвено-црните“, пред Чупиќ и Канелјас со по шест погодоци.

Се вчитува...