Вардар против Елверум во натпревар без резултатско, но со емотивно значење

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар вечерва на домашен терен ќе го пречека норвешки Елверум во последниот натпревар од групната фаза во годинашното издание во Лигата на шампионите.

По исфрлањето на Мешков Брест од лигата и победата која на зелена маса ја запишаа, овој меч за „црвено-црните“ нема никакво резултатско значење бидејќи сигурно ќе завршат на петтата позиција на табелата и во осминафиналето ќе играат против унгарскиот Веспрем.

Тренерот на „вардарци“, Давид Дејвис вели дека иако нема резултатско значење овој меч, во Лигата на шампионите сите натпревари се важни.

„Ние мора да продолжиме со работата која ја почнавме пред два месеци. Ние ќе бидеме петти секако, но натпреварот е важен. Сите сакаат да играат во Лигата на шампионите. Играме дома и затоа треба да дадеме максимум. Добар противник е Елверум и ќе им требаат бодови. Мора да играме мирно и да стигнеме до победа“, вели Дејвис. 

Слично размислува и крилото Гоце Георгиевски…

„Коцките се наместија со исклучувањето на Мешков и практично овој меч резултатски да не ни значи. Сепак, нас играчки многу ни значи. Сакаме групната фаза да ја завршиме со победа на домашен терен и на позитивен начин да отидеме во нокаут фазата. Елверум одигра фантастична групна фаза, со сите беа егал, а стигнаа и до бодови со фаворити. Очекувам интересе натпревар. Тие ќе дадат се од себе бидејќи ќе им значи овој натпревар, но наше е да ја играме нашата игра“, изјави Георгиевски. 

Натпреварот меѓу Вардар и Елверум кој ќе се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...