Вардар против Мотор во обид да го поправи изданието од Запорожје и Нашице

Ракометарите на Вардар вечерва на домашен терен ќе го пречекаат Мотор Запорожје во натпревар од 4. коло од Б групата во регионалната СЕХА лига. По двата порази од Мотор во Украина и од Нексе во Нашице „црвено-црните“ вечерва мора да триумфираат доколку сакаат да обезбедат директен пласман во четвртфиналето од регионалната лига. Тренерот на „вардарци“ Стевчо Алушовски вели дека и покрај големите проблеми кои што ги има со тимот и големиот број повреди, верува дека екипата ќе одигра далеку подобро од првиот меч во Запорожје.

„Верувам дека против Мотор Запорожје ќе одиграме многу подобро отколку на првиот меч во Украина. Проблемите околу составот на екипата постојано се присутни. Ловро Јотиќ се уште не тренира со екипата, а поради повреда неизвесни се и Патрик Валчак, Димитар Димитриоски, Иван Чупиќ и Борко Ристовски. Од првиот меч против Мотор извлековме доста поуки и се надевам ќе одиграме многу подобро. Сега влегуваме во жесток ритам на играње на четири фронта. Ќе треба да издржиме и да покажеме дека сме квалитетен тим. Очекувам да играме многу подобро“, изјави Алушовски. 

Натпреварот меѓу Вардар и Мотор Запорожје кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за вечерва во 20:15 часот.

Се вчитува...