Вардар се комплетираше – младинските репрезентативци се приклучија во Австрија

Екипата на Вардар од денеска е комплетна на подготовките во Австрија. Младинските репрезентативци во текот на вчерашниот ден пристигнаа во подготвителната база во Бад Татцмансдорф.

Игор Алексовски, Бесир Демири, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Бобан Николов и Петар Петковски, како што е познато, досега имаа обврски со младинската селекција која настапи на Европското првенство во Полска, а веднаш по завршувањето на натпреварите, се приклучија на подготовките на екипата за престојните два меча против Малме во Лигата на шампионите.

Инаку, „вардарци“ претпладнево имаа полесна подготовка после вчерашниот меч со Марибор. Стручниот штаб на фудбалерите им даде слободно попладне.

Следниот пријателски натпревар на „црвено-црните“ е против австрискиот прволигаш Матерсбург на 28 јуни (среда) со почеток од 18 часот.

Се вчитува...