Вардар се помачи, но славеше на гостувањето кај Кристијанштад

Македонскиот ракометен првак, Вардар им се врати на победите во Лигата на шампионите, славеше на гостувањето кај Кристијанштад со 32-30 во дуелот од 13. коло и останува во игра за втората позиција на конечната табела по завршувањето на групниот сегмент во елитното натпреварување.

Кон победата, Вардар тргна на половина од второто полувреме кога успеа првпат на средбата да се одлепи на три гола позитива, достигна максимални плус четири, а потоа го одби завршниот напад на Кристијанштад кој се закани откако неколку пати доаѓаше само до еден гол негатива. Калифа Гедбан во последната минута од средбата одбрани значаен удар и спречи Кристијанштад да дојде до израмнување. Гедбан на крајот имаше осум одбрани.

Претходно, во првото полувреме Кристијанштад постојано беше во водство, најмногу со два гола. Вардар имаше две минимални водства, беше блиску до нерешено на полувремето, но домаќините со гол во последната секунда додјдоа до водство од 17-16 на паузата.

Во првата половина од вторто полувреме, сликата на теренот беше речиси идентична, а најдобар поединец кај Кристијанштад дефинитвно беше голманот Ричард Капелин кој бранеше одлично и долго му овозможуваше на шведскиот тим во резултатски баланс. Тој дуелот го заврши со 14 одбрани.

Данаис Криштопанс го предводеше Вардар до победата, постигна осум гола, Шишкарев постигна пет гола, Скубе заврши со четири.

За Вардар ова е втор сезонски триумф над Кристијанштад, а нашиот тим ги доби сите осум досегашни пресметки со тимот од Шведска.

Со овој триумф Вардар најмалку до утре ќе биде на втората позиција на табелата, сега има 17 бода, еден повеќе од Веспрем кој утре игра против Мешков Брест. Кристијанштад дефинитивно веќе нема шанси за пласман во осминафиналето.

Во последното коло од групната фаза, Вардар следниот викенд во Скопје го пречекува европскиот шампион, Монпелје.

 

 

Се вчитува...