Вардар се враќа со нова победа од Шведска

Вардар ја продолжува победничката серија и во вториот дел од натпреварите во групната фаза од Лигата на шампионите. На гостувањето во Шведска, вардарци славеа против Кристијанштад со 23-26 . Ова е петта победа за вардарци во групата А во ЛШ и петта победа во пет меѓусебни дуели со шведскиот тим во три сезони по ред во најелитното европско ракометно натпреварување. Само во првите десетина минути од натпреварот, Вардар „ги пушти“ домаќините да поиграат, а потоа „црвено-црните“ заиграа во препознатливиот ритам и имаа комплетна контрола на играта и на резултатот.

Вардарци помалку лабаво го отворија натпреварот, што имовозможи на ракометарите на Кристијанштад да ја преземат иницијативата на стартот и со серија од 3-0 да победат со 5-2 по првите десет минути. Раул Гонзалес беше принуден рано да го побара првиот тајм-аут. Но, интервенцијата на тренерот на Вардар го даде посакуваниот резултат. Вардарци заиграа многу поангажирано и комплетно го свртеа резултатот. Со серија од 4-0 го презедоа водството со 5-6, а офанзивата на „црвено-црните“ продолжи и во наредните минути што им донесе водство од 7-11 на десетина минути пред крај на првиот дел.

Ракометарите на Кристијанштад тешко минуваа покрај сигурната 5-1 одбрана на Вардар со Жоан Канељас напред, а вардарци брзо и ефикасно ја казнуваа секоја грешка на домаќините. Дополнителен проблем за противникот, вообичаено, беше Арпад Штербик со 11 одбрани во првиот дел. Вардарци во последната минута влегоа со највиски пет гола предност откако Тимур Дибиров од контра зголеми на 10-15. Со овој резултат вардарци го завршија и првиот дел, а точка на полувреето стави Шетрбик одбранувајќи седмерец на домаќините.

Во ист ритам вардарци ја продолжија доминацијата и во второто полувреме. Со играч помалку македонскиот првак ја зголеми предноста поведувајќи со 10-16 со погодокот на Вуко Борозан. На другата старана на теренот Штербик ги доведуваше до очај ракометарите на Кристијанштад кои се повеќе грешеа и се потешко доаѓаа до реализација, а очајничкиот обид на Ола Линдгрен да ја пробие одбраната на Вардар со седум играчи во напад му донесе повеќе штета отколку полза, а на „црвено-црните“ им отвори простор за лесни погодоци на празниот гол на домаќините и водство од 10-18 во 38.минута од натпреварот. Дури по осум минути игра домачините успеаја да го постигнат првиот погодок во вториот дел и да намалат на 11-18, а веднаш потоа и на 12-18.

До крајот Вардар повеќе рутински, без премногу напор ја одржуваше предност и дистанцата и очекувано, стигна до упте еден триумф со кој се зацврстува на лидерската позиција во групата.

Тимур Дибиров, Вуко Борозан и Даинис Кристопанс запишаа по седум гола во новата победа на Вардар. Кај Кристијанштад најефикасни беа Филип Хенингсон и Андрес Гудмундсон со по четири погодоци.

Во следното коло од Лигата на шампионите, на 11 ноември, Вардар му гостува на ППД Загреб, а потоа на 18 ноември е големата пресметка со Рајн Некар Левен во Скопје.

Се вчитува...