Вардар со фуриозно прво полувреме до триумф над Пролет

Вардар прокнижи нови бодови во ракометниот плејоф откако актуелниот првак без многу проблеми славеше на гостувањето против Пролет со резултат 18-25. Шокантниот пораз од Алкалоид беше доволно предупредување за „вардарци“, кои овојпат од самиот почеток сериозно си ја сфатија работата, па благодарение на фуриозното прво полувреме им беа доволни само 30 минути игра за да стигнат до бодовите во салата „Македонско Сонце“.

Недановски одмори неколку првотимци, но тоа не се одрази на ритамот на игра што го наметнаа гостите, пред се на интензитетот во одбраната. Пролет некако и парираше до 3-5, по што „вардарци“ направија серија од 0-6 и поведоа со убедливи 3-11. Постот од нецели девет минути на Пролет го прекина Палевски со гол од контранапад, но Вардар сепак доминираше до крајот на полувремето и на одмор замина со предност од 7-16.

Второто полувреме почна со нова мини-серијата на гостите, кои набрзина поведоа со 7-20, по што следеше одлична серија на домашните ракометари. Пролет во период од десетина минути направи серија од 7-0 и ја намали негативата на „само“ шест гола (14-20). Дутра беше играчот што ја прекина серијата на Пролет, по што „вардарци“ рутински го приведоа мечот до крај и триумфираа со конечни 18-25.

Чувара постигна осум, а Ќосевски пет погодоци за Вардар, додека во поразениот тим најефикасни беа Тотиќ со четири и Андоновски и Василевски со по три гола.

Се вчитува...