Вардар со рутинска победа над Ал Мадхар го почна настапот на Супер – глоуб

Европскиот ракометен шампион Вардар со победа од 34-27 над домаќинот на турнирот Ал Мадхар ја почна мисијата, освојување на трофејот од Светското клупско натпреварување, Супер глоуб.

Уште од самиот старт на натпреварот, „црвено-црните“ ја презедоа иницијативата, а во поголемиот дел од првото полувреме ја држеа предноста од три гола. Во 25. минута вардарци за првпат стигнаа до највисоката предност од плус пет (14-9), која ја задржаа до крајот на првото полувреме (17-12).

Во вториот дел македонскиот шампион продолжи да го меле противникот, а во 41. минута за првпат стигнаа до двоцифрена разлика (27-17). До крајот на мечот дојде до опуштање на избраниците на Писонеро која ја искористи домашниот тим, за конечни 34-27.

Најефикасен во победничкиот табор беше Тимур Дибиров со постигнати 6 гола, а Дисингер и Чупиќ дадоа по пет гола. Во полуфиналето кое на програмата е утре, Вардар ќе се сретне со Кил кој во четвртфиналето беше подобар од египетскиот Ел Замалек со 32-28.

Се вчитува...