Има ли Вардар „стапица“ за германските „лавови“?

Ракометарите на Вардар со вечерашното гостување (19 часот) против Рајн-Некар Левен ја стартуваат 2019 година во Лигата на шампионите, во обид да се задржат на второто место во групата што ќе им донесе полесни противници во нокаут фазата и битките за пласман во Келн. „Црвено-црните“ моментно имаат еден бод предност во однос на Кјелце, Рајн-Некар Левен и Веспрем, така што евентуален пораз ќе значи и пад на табелата, нешто што „вардарци“ не смеат да си го дозволат ако сакаат трета година по ред да бидат дел од Ф4 турнирот во „Ланксес Арена“.

Имаме уште четири натпревари до крајот на групната фаза. Ќе играме со максимално на секој натпревар, зашто секој меч сега е важен. Рајн Некар е одличен тим, а ние се соочуваме со проблеми бидејќи ни треба повеќе време за тренирање. Не сме комплетни, па треба да комбинираме со тоа што го имаме“ – истакнува тренерот Роберто Парондо.

Стратегот на „вардарци“ се соочува со проблеми поради неиграњето на Мораеш и Борозан, а во тимот нема да се појави ниту Оцвирк, откако младиот Словенец најавуван како големо засилување повторно не е дел од плановите на Парондо.

Проблем плус за македонскиот шампион е што домаќините ќе бидат посилни за Сигурдсон, откако исландското крило ги надмина проблемите со повредата поради која не настапи на СП 2019.

Тимот им е променет, но Вардар се уште е опасен од сите страни. Има добри бекови, Дибиров од крилната позиција, опасни играчи од пивот. Знаеме дека нема да ни биде лесно, но ние одиме на победа“ – предупреди голманот Микел Апелгрен.

Се вчитува...