Вардар сонува за Шариќ, а реално е најблизу до Арсиќ

Одлуката на Дарко Станиќ да ја заврши својата професионална кариера уште еднаш ги наруши плановите на раководството на Вардар, кои се надеваа дека со српскиот ветеран ќе го решат проблемот со голманската позиција за наредната сезона. Вака, потрагата по нов чувар на мрежата продолжува, а според последните информации „сонот на вардарци“ има име – Даниел Шариќ.

Извонредниот голман веќе има 40 години зад себе, но се уште брани на високо ниво, а „црвено-црните“ сметаат дека тој би бил идеален наследник на Штербик, кого го имаше за соиграч во Барселона. Сепак, постои еден проблем, и тоа огромен – Шариќ се наоѓа во Катар, каде е член на оваа репрезентација, а исто така и брани за екипата на Ал Кијада. Парите што ги заработува се огромни, а најавите за намалување на буџетот на „вардарци“ го прават овој трансфер речиси невозможен.

Како една од опциите се споменува и Матевж Скок, словенечкиот голман во редовите на Загреб, но моментно најреално решение би бил Дарко Арсиќ. Српскиот голман и сезонава има низа добри настапи на голот на Металург, а влошената финансиска состојба на клубот од „Автокоманда“ ќе придонесе тој сериозно да размисли за промена на клупските бои на крајот од сезонава. Сериозен интерес за Арсиќ покажува и Спортинг Лисабон, но јасно е дека Вардар би бил многу поголем предизвик за Србинот, со самото учество во елитните групи во ЛШ во наредната сезона.

Се вчитува...