Вардар тргнува по светската круна – прв ривал е домаќинот Ал Мадхар

Ракометарите на Вардар вечерва во 19 часот ќе го стартуваат настапот на Супер-глоуб што се одржува во Саудиска Арабија. Прв ривал на актуелниот европски првак ќе биде домаќинот Ал Мадхар, екипа што ќе ја има поддршката на фановите, но со квалитетот е далеку под она што „црвено-црните“ го имаат во својот табор.

Ал Мадхар вчера славеше со убедливи 33-13 над тимот на Њујорк, тренерот Писонеро имаше можност на дело да ги види следните противници, за да подготви и соодветна противигра за денешниот дуел. И во ситуација кога во тимот ги нема повредените Толедо и Стоилов, Вардар останува суперфаворит на овој дуел, како прва пречка на патот до остварување на сонот – обединувањето на светската и европската круна во клупскиот ракомет.

Само за потсетување, Вардар беше дел од Супер-глоуб и пред две години, кога го освои само третото место откако во полуфиналето беше елиминиран од Барселона.

Претходно, во првите три четвртфинални пресметки силите ќе ги одмерат Ал Вехда – Таубате, Замалек – Кил и Барселона – Ал Духаил. Во случај на победа на Вардар вечерва, следен ривал на „црвено-црните“ во полуфиналето од Супер-глоуб ќе биде подобриот од дуелот Замалек – Кил.

Се вчитува...