Вардар тргнува во новата ера: Негативни на COVID-19, Алушовски го собира тимот

Двократниот европски првак и повеќекратниот регионален владетел и најтрофеен македонски клуб, Вардар од денеска во специфични услови влегува во новата ера. Со дел од „старите борци“, ланскиот тренер, повеќе нови имиња, но нов сопственичко-управувачки тим, ракометниот гигант ја почнува новата приказна.

Почитувајќи ги обврските кои ги налага актуелната ситуација со пандемијата на коронавирусот, вардарци беа тестирани за COVID-19, сите тестови се негативни, па тренерот Стевче Алушовски ќе ги собере играчите кои треба да почнат подготовки за новата сезона. За тоа да се случи, комисијата за заразни болести ќе треба да даде одобрување на протоколот за тренинзи на затворено кој го подготви Ракометната федерација на Македонија.

Во оваа прва фаза, „вардарци“ ќе мора да се прилагодат на актуелните услови за тренинзи, а потоа ќе ги почнат вистинските подготовки за сезоната во која повторно ќе се борат на три фронта, Лигата на шампионите, СЕХА лигата и домашното првенство во кое повторно и оваа сезона според предвиденото ќе се приклучат подоцна, во втората натпреварувачка фаза.

За претстојните предизвици на оние што останаа од тимот од претходните сезони им се приклучија Талески, Георгиевски, Јагуриновски, Кантегрел, Вујин, Валчак, Јотиќ, Векиќ и Гаџа.

Се вчитува...