Вардар во проблеми до гуша, а Самсоненко ќе го финансира француски Монако

Сопственикот на ФК Вардар, Сергеј Самсоненко потпиша двегодишен договор со своите обложувалници „Бет Сити“ за спонзорство на францускиот прволигаш Монако.

Самсоненко, како што е познато, покрај тоа што ги финансира фудбалскиот и ракометниот клуб на Вардар веќе е спонзор и на московска ЦСКА. Но, и наспроти сериозните финансиски проблеми со кои се соочуваа изминативе години двата вардарови клуба, Самсоненко се одлучи да потпише договор со клубот од кнежевството.

„Оваа соработка меѓу Монако и ‘Бет Сити’ се надевам дека ќе биде долгорочна. ‘Бет Сити’ е вклучен во развојот на рускиот фудбал, веќе соработуваме со ЦСКА Москва, па ова ново партнерство ќе ни овозможи да го достигнеме новото ниво на денешниот светски фудбал. Сакаме да помогнеме на Монако, но се надеваме и дека и ние ќе ги реализираме нашите цели поврзани со маркетингот“ – истакнал Самсоненко по потпишувањето на договорот со Монако.

Задоволството од новата соработка истакнаа и од Монако кои потенцираа дека очекуваат плодно ново партнерство.

Во меѓувреме веќе е добро познато дека ФК Вардар е во постојана трка со финансиските проблеми поради кои минатата сезона ја загуби и лиценцата за европски настап. Во сериозни финансиски проблеми минатата сезона беше и РК Вардар, па Самсоненко најави повлекување. Но по освојувањето на европската шампионска титула нештата се променија, па Русинот одлучи да остане уште една сезона.

Се вчитува...