Почина една од најголемите легенди на Интер и на италијанскиот фудбал, Сандро Мацола

Светот на фудбалот остана без уште една голема легенда. Сандро Мацола, еден од најдобрите играчи во историјата на Интер и италијанската репрезентација, почина на 83-годишна возраст.

Веста за смртта ја објави Интер, клубот во кој Мацола ја мина целата своја професионална играчка кариера. Од дебито во 1960 година па сè до пензионирањето во 1977 година, тој го носеше само црно-синиот дрес.

За Интер одигра 565 натпревари и постигна околу 160 голови, а со клубот освои четири титули во италијанското првенство, две титули во Купот на европските шампиони и два Интерконтинентални купа. Беше еден од главните симболи на славната генерација на „Гранде Интер“ предводена од Еленио Ерера.

 

 

Особено место во неговата кариера има финалето на Купот на европските шампиони во 1964 година. Мацола постигна два гола против Реал Мадрид во победата на Интер од 3:1 и стана еден од хероите на првиот европски трофеј на миланскиот клуб.

Во сезоната 1964/65 беше најдобар стрелец во Серија А со 17 голови, а една година претходно беше најдобар стрелец во Купот на европските шампиони со седум погодоци. Во 1971 година заврши на второто место во изборот за „Златната топка“, зад Јохан Кројф.

Мацола остави голем печат и во репрезентативниот дрес. За Италија настапи 70 пати и постигна 22 гола. Беше дел од тимот кој во 1968 година ја освои титулата европски шампион, а настапуваше и на Светското првенство во Мексико во 1970 година. Таму остана запаметен и по дуелот со Џани Ривера, со кого го делеше местото во тимот во познатата тактичка „штафета“ на селекторот Валкареџи.

Неговиот живот уште од најрана возраст беше поврзан со голема семејна трагедија. Сандро бил син на Валентино Мацола, капитенот на славниот Торино, кој загина во авионската несреќа во Суперга во 1949 година, кога Сандро имал само шест години.

И покрај огромниот товар на презимето, Сандро Мацола успеа да изгради сопствена фудбалска приказна и да стане една од најпрепознатливите фигури во историјата на Интер.

По завршувањето на играчката кариера, тој остана поврзан со фудбалот и со Интер, каде што работеше и како спортски директор.

Од миланскиот клуб се простија од својата легенда со порака дека постојат луѓе кои влегуваат во историјата, но и оние кои стануваат дел од самата историја на клубот – а Мацола, бил токму таков човек.

„Постојат луѓе што создаваат историја. А постојат и такви што стануваат историја на Интер. Од момче во црно-син дрес до вечна икона, Сандро Мацола ги поврзуваше генерациите, освојуваше трофеи, ги воодушевуваше навивачите и ја пренесуваше љубовта кон овие бои. Блескаше на теренот, а блеска и сега – ѕвезда со мустаќи. Како што често велеше, имаше само една последна желба: Да ме паметат како добар човек кој секогаш го даваше својот максимум, дури и кога тоа изгледаше невозможно. Фудбалскиот клуб Интер изразува сочувство до неговото семејство и најблиските“, стои во соопштението на Интер.

Се вчитува...